По 10.000 евра државна награда за македонските фудбалери по историскиот пласман на Европското првенство

Рано утринава околу 04:30 часот, македонските репрезентативци се вратија дома по победата над Грузија со 1-0 и историскиот пласман на Европското првенство во фудбал, прв таков пласман од независноста на Македонија.

Репрезентативците беа пречекани од медиумите и претставници на државниот врв на граничниот премин „Блаце“.

„Благодарност за пречекот кој ни го направивте. Сонот ни се оствари, сите заедно да се радуваме и да настапуваме со победи на ова Европско првенство. Знаеме сите дека поминавме долг пат за да стигнеме до ова првенство. Дечките го заслужија овој успех. Уште не сме свесни што направивме“, изјави Горан Пандев стрелецот на голот кој ја однесе македонската репрезентација на Европското првенство кое ќе се одржи следната година.

„Оваа радост ја донесоа македонските фудбалски јунаци кои ги оставија срцата на теренот во Тбилиси и донесоа победа која македонската историја не ја памети до сега, со што Македонската фудбалска репрезентација ќе учествува на Европското фудбалско првенство. Целата држава, сите македонски граѓани ја споделуваат радоста за успехот на фудбалската репрезентација.
Еден гол за сите, една победа за сите. Така е кога заедно играат Македонци, Албанци, Турци… во исти дресови, под исто знаме и за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден“, рече премиерот Зоран Заев при пречекот на македонската фудбалска репрезентација.

По историскиот успех Владата на синоќешната седница одлучи сите членови на фудбалската репрезентација да бидат наградени со по 10.000 евра.

Европското првенство кое требаше првично да се одржи оваа година, поради пандемијата е одложено за 2021 година и ќе се организира од 11 јуни до 11 јули. Првенството е предвидено да се одржи во 12 земји и 12 различни градови.

Северна Македонија на натпреварувањето ќе биде во група со Холандија, Австрија и Украина.