„Пловечки универзитет“ од Берлин одржа предавање за урбан активизам на Архитектонскиот факултет во Скопје

Вчера, во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет во Скопје, се одржа предавање на архитектонско-уметничкиот експериментален колектив од Берлин, „Пловечки универзитет“, претставен од предавачите Кристин Лаз и Дејвид Нил Морзи.

Предавањето беше дел од програмата „Градот како сцена: еколошки иднини“,  во организација на Факултет за работи што не се учат (ФРУ) и АКТО, а истовремено ја најави повеќедневната работилница на колективот со студенти од повеќе сродни факултети во киното на Железничката зграда во Скопје.

„’Пловечки универзитет’ со своето предавање оставија силен впечаток пред македонската публика составена од различни професионалци и граѓани заинтересирани за нивната работа, токму поради темата на предавањето кое се однесуваше на методи на урбана пракса. Публиката имаше можност да се запознае со она што го работат преку нивните еколошко-ахитектонски визии, но и да ги видат урбаните делувања и примери преку кои се обидуваат да го трансформираат јавниот простор“, велат од ФРУ и АКТО.

Фото: ФРУ и АКТО

Во оваа смисла, додаваат оттаму, се отворија и пошироки прашања за тоа што всушност урбаните трансформации и методите кои се користат, значат во јавниот простор во Берлин, ресурсите, поддршката и нивното остварување наспроти она што може да се научи и да се преземе тука, кога размислуваме за урбаните еколошки иднини, одржливоста, но и нови концепти за работа и инспирација.

„Еколошката одржливост и перспектива на тие трансформации беше во фокус на настанот, но и воопшто нивната работа и визии за опстојување“, истакнуваат тие.

Во контекст на предавањето на колективот, но и нивната посета до сабота во Македонија, тие продолжуваат да работат на конкретен пример преку киното на Железничката зграда во Скопје, каде заедно со избраните учесници на отворен повик се фокусираат на неговата иднина преку концептите на ре-употреба и сценографска итервенција во јавните простори, демократското и солидарно градење заедништво и потенцијалот кој може да се искористи за вклучување на различни актери кои можат да придонесат за менување на урбаните простори и активностите кои можат да бидат дел од промените на просторот.

Мајската програма на „Градот како сцена: еколошки иднини“, завршува во сабота, со перформативна јавна работилница на која ќе се презентираат резултатите од повеќедневниот процес насловен како „Иднината на киното“ [релациите] во Железничката зграда – модели на управување преку [урбано] готвење.

Работилници, предавање и урбано готвење на „Градот како сцена: Еколошки иднини“ од 28 до 31 мај во Скопје