Невладината организација „Плоштад Слобода“ испрати реакција по повод „велосипедската парада“ во организација на Град Скопје во која се вели дека Градот „треба престане да се подбива со граѓаните на Скопје и да почне да вложува во вистинска велосипедска инфраструктура и подобрување на сообраќајната култура за сите учесници“.
„Градоначалникот Коце Трајановски го гледаме на велосипед само во предизборна кампања и во други два дена во годината, пред се на фотографии во медиумите. Затоа, го повикуваме господинот Трајановски да избере било кој друг ден, и од својот дом во Автокоманда, да се обиде со велосипед да стигне на работаа, во просториите на Град Скопје. Така Градоначалникот ќе може да се увери во непостоењето на велосипедската инфра-структура, но и на основна култура на третирање на велосипедистите и пешаците како рамноправни учесници во сообраќајот во Скопје“, се вели реакцијата.
Од „Плоштад слобода“ велат дека сообраќајот е уреден само за автомобилите, додека пешаците и велосипедистите се во втор план.
– Општиот впечаток е дека сообраќајот и паркинг условите во градот се подредени на потребите и доминацијата на посилните, оние со автомобили. Семафорите се прилагодени само за потребите на возачите, а на штета на пешаците и велосипедистите. Пешаците и велосипедистите се толку репресирани во сообраќајот, што се приморани секојдневно да се движат по коловозите, меѓу возилата. Затоа и активности и кампањи за подигање на свеста кај учесниците во сообраќајот се непознати појави кај оваа администрација. Постојано се носат репресивни правила и закони кои го уредуваат однесувањето на велосипедистите, пешаците, граѓаните, а оние со автомобили и мотори дивеат по скопските улици.
„Ниеден од новите урбанистички и сообраќајни зафати низ градот не ги земаат предвид велосипедистите како рамноправни учесници во сообраќајот. Ниеден од новите булевари на Трајановски нема предвидени велосипедски патеки. На Климент Охридски пешаците и велосипедистите делат тротоар во ширина од 1 метар, на Илинденска несоодветните сливници го прават возењето невозможно, а на Првомајска тесните тротоари што се делат со пешаците се понебезбедни од било кога заради зголемената брзина на возилата. Во Скопје речиси и не постојат рампи за заштита од уништување на велосипедите од рабниците на тротоарите, а единствените промени беа направени за да се прилагодат овие премини на новововедената кочија од проектот „Скопје 2014““, се вели во дописот на „Плоштад Слобода“.
Организацијата ги повикува Градот, а и медиумите, како и сите сограѓани, критички да се пристапи кон разните „дефилеа“ за некакви патеки, велосипедска инфраструктура и сл.
„Освен потегот долж реката Вардар (и тој узурпиран со работите на Скопје 2014) во градот Скопје не постои делница доволно уредена и доволно безбедна за одвивање на било каков велосипедски сообраќај.Време е да ги нарекуваме работите онакви какви што се! А чкртањето ленти во боја по улиците и тротоарите не се велосипедски патеки!“, велат од Плоштад Слобода.