Во акцијата на хрватската полиција со назив „Инсула“, која е спроведена во клубовите и дискотеките во Зрќе, на островот Паг од 24 јуни до 28 август, изречени се казни во вредност од 524.000 евра, соопшти Министерството за внатрешни работи. Главна цел на акцијата била заплена на дрога, а поднесени се 46 кривични пријави против 49 луѓе, кои се товарат за 73 кривични дела, најмногу за злоупотреба на дрога, но и за фалсификување пари.
„Остварени се 1045 заплени на дрога, што е пораст од речиси 35 проценти во споредба со истиот период минатата година“, велат од полицијата. Најголемо количество од запленетата дрога отпаѓа на марихуана (817 грама), а следат екстази, кокаин (251 грам), хероин (22,5 грама), како и помали количества кетамин, субоксон, ефедрин и ЛСД.
„Проценетата вкупна улична продажна вредност на запленетата дрига изнесува најмалку 70.000 евра, со напомена дека проценката е направена според просечната цена на нарко-пазарот во Хрватска, додека според цените актуелни во Зрќе, таа вредност би била повеќекратно поголема“, вели полицијата.
Зрќе е една од најпопуларните дестинации за масовни забави во југоисточна Европа, а се проценува дека во една летна сезона, островот Паг го посетуваат околу 100.000 туристи, главно млади.