Пленумци: Собранието е „место на злосторството“ против образованието

Собранието е местото на злосторот каде се погубува образованието порачаа студентите од Студентскиот пленум кои денеска излегоа на нов протест пред собраниската зграда додека внатре пратениците се подготвуваа за седница на која на дневен ред се ставени измените на Законот за високото образование.

„Ако се донесе Законот уште утре да се распуштат универзитетите и Адеми да ни даде диплома. Само да прашаме партиска книшка дали да носиме за полагање или вработување? Универзитетот е наш и ќе го вратиме пак да биде наш, ако треба и со блокади и со окупација“, порача студентката Ана Нешковска од Студентскиот пленум.

Студентот Владимир Делов го нарече Собранието „место на злосторството“ и најави нова акција на Професорскиот пленум вечерва во 19 часот пред Собранието, каде со свеќи ќе го „погребаат“ образованието.

Претходно студентите поставија маратонска лента и го истрчаа најавениот „ реформски маратон“ газејќи врз транспарентите на кои беа испишани пораките до пратениците, додека тие „го трчаат последниот круг.“

Во очекување на собраниската седница, присутните полека го напуштаат симболичниот протест пред Собранието.