„Плејбој“ го стопираше печатењето на списанието

Едно од најпретпознатливите списанија во светот, „Плејбој“, објави дека периодично го запира печатењето на магазинот во САД. Пролетниот број, кој пристигнува на штандовите оваа недела, е последен во 2020 година.

Во соопштение до јавноста, извршниот директор на „Плејбој“, Бен Кон нагласува дека одлуката доаѓа по разговори кои ги воделе веќе некое време, но била забрзана по кризата со коронавирусот.

„Со нарушувањата што ги донесе пандемијата во поглед на производството и мрежата на снабдување, бевме принудени да го забрзаме разговорот што го имавме внатре во списанието: прашањето како да го трансформираме нашиот печатен производ во САД за подобро да одговара на потрошувачите денес и да вклучиме културен разговор секој ден, наместо на три месеци“, рече тој.

Списанието од лани беше објавувано квартално, четири пати во годината, а сега се сели дигитално и ќе вклучува интервјуа, совети и фотографии.

„Не е чудо што веќе некое време се менуваат навиките на потрошувачите, а нашата содржина во печатена форма стигнуваше само до дел од нашите фанови“, рече тој, дополнувајќи дека од 2021 година се’ уште ќе има најразлични печатени форми, односно „специјални изданија, парнерства со провокативни креатори и времени колекции“.

„Со печатени изданија започнавме и печатените изданија секогаш ќе биде наш белег“, нагласи Кон.

Инаку, магазинот „Плејбој“ е основан во 1953 година од Хју Хефнер и оттогаш стана глобален бренд, опфаќајќи и ТВ-емиии, клубови, издавачка куќа и разни настани.