„Плати па клати“ од Честер Браун – графичка новела која ја обработува сексуалната работа

„Плати па клати: мемоари на еден уживател на проституција во слики и зборови“ е најдискутираниот и прилично контроверзен графички роман од 2011 година.

Графичката новела како четиво кое адресира важни прашања околу сексуалната работа, доби поддршка од претставници на движењето за правата на сексуалните работници, вклучително и од Трејси Куан, Ени Спринкл и Меги Мекнил.

Книгоиздавателството Темпум го издаде графичкиот роман, чиј превод од англиски го направи Ивана Галапчева. Книгата е дел од единаесеттото издание на стрип едицијата „Лифт“.

„Невообичаено за жанрот е што на крајот од книгата се поместени педесетина страници забелешки и полемичка дискусија во која авторот ги изложува своите аргументи за декриминализација и дестигматизација на сексуалната работа. Тоа го прави добро поткован со цитати од теорија и истражувања, но неговиот говор не е академски сувопарен, туку прегледен и приемчив и се чита во еден здив, дополнително потенцирајќи ја динамичноста на темата“, пишуваат издавачите.

„Плати па клати“ е автобиографски стрип во кој авторот ги пренесува своите искуства од светот на проституцијата.

„Авторот во својата новела документира средби со триесетина проститутки, кои минималистички илустрирани, воздржано и нееротизирано ги пренесуваат секс сцените, имајќи ја на ум анонимноста на жените. Браун дава човечки лик на често оцрнуваниот и карикиран лик на клиентите во проституцијата. Тој пишува со искреност и сочувство кои ретко се гледаат при тематизирање на мажите кои плаќаат за секс“, се вели во соопштението.

Честер Браун (1960) е современ канадски стрип автор и илустратор. Неговиот прв поголем успех во алтернативните стрип кругови беше во 1980-тите со надреалниот, скатолошки серијал „Ед, среќниот кловн“, кај нас објавен во продолженија во списанието за стрип „Лифт“ (1996-2001). Во раните 1990-ти Браун почна да прави исповедни автобиографски стрипови и тогаш често беше поврзуван со колегите од Торонто, Сет и Џо Мет, кои често се појавуваат како ликови во неговите стрипови.

Едицијата графички новели Лифт на книгоиздателството Темплум беше започната во 2017 година. Едицијата ја продолжува и осовременува традицијата на стрип списанието „Лифт“ кое излегуваше од 1995 до 2001 година.