Платформата за родова еднаквост преку отворено писмо повикува на изборен родов баланс

Преку отворено писмо, Платформата за родова еднаквост ги повикува подносителите на листите на кандидат(к)и за Локалните избори 2021 да покажат минимум демократски капацитет и да обезбедат родов баланс на изборните листи.

„Во моментов имаме само 6 градоначалнички наспроти 75 градоначалници. Овој дисбаланс кој ги рефлектира изборните резултати од 2017 година, е само доследно повторување на традицијата која ги прави жените невидливи во изборите. Жените само декларативно имаат право да бидат избрани и да изберат да бидат претставени. Да потсетиме, на локалните избори во 2013 беа избрани само 4 градоначалнички наспроти 76 мажи градоначалници, а во 1996 и 2009 немаше ниту една градоначалничка“, се вели во отвореното писмо на Платформата.

Оттаму забележуваат дека значајно и релевантно политичко учество значи минимум застапеност од 40% на жените и мажите во политичкиот и јавниот живот.

„Како предлагачи на изборните листи, политичките партии се и чувари на портите што го олеснуваат влезот и успехот на поединците во политиката. Потсетуваме дека нема недостаток од квалификувани и искусни жени кои би можеле да преземат политички функции, туку општествени и структурни бариери за нивно вклучување; затоа тие мора да се повидливи и охрабрени да се вклучат во политичката трка“,  велат од Платформата.

Според нив, особено е важно да се спомене дека и во изборните програми на партиите, најголем дел од партиите ветуваа унапредување на политичкото учество на жените, вклучително и на локално ниво.

Сепак од Платформата за родова еднаквост истакнуваат дека и покрај заложбите, родовата нееднаквост е присутна на речиси сите нивоа на владеење, како на локално, така и во извршната власт каде од вкупно 16 министерства, само 4 се предводени од жени.

Оттаму сметаат дека декларативните заложби не ја унапредуваат фактички родовата еднаквост, па дополнуваат дека само со практични чекори можеме да видиме суштински промени и подобрување на родовата еднаквост во економската, социјалната, политичката и во сите други сфери на општеството.

„Ги повикуваме политичките партии да ги одржат своите ветувања и да покажат заложба за родова еднаквост во пракса преку родово-балансирани кандидатски листи на локалните избори еднаква застапеност меѓу кандидат(к)ите значи и еднакви шанси за избор и на жените и на мажите во градоначалничката трка“, заклучуваат од Платформата за родова еднаквост.