Платформа за борба против корупција: Сите мора да се бориме со корупцијата

Членовите на Платформата за борба против корупција на Меѓународниот ден за борба против корупцијата ги повикаа институциите, медиумите и службениците активно да се борат против овој проблем.

Платформата се приклучи кон глобалната кампања на ОН за борба против корупцијата, под мотото „Да го прекинеме синџирот на корупцијата“. Тие ги повикаа сите активни учесници во општеството да делуваат во спречувањето на корупцијата.

Тие истакнаа дека секој од нас треба да придонесе кон сузбивање на корупцијата за зајакнување на демократијата, промоција на правдата, поддршка на образованието, подобрување на здравството и овозможување на просперитет на земјата.

„Ние како Платформа подвлекуваме дека корупцијата не е нешто со што треба да се помириме, и ги повикуваме сите засегнати страни во општеството да дејствуваат за да се прекине синџирот на корупцијата во земјата“, изјавија активистите на прес конференцијата одржана денес.

Организации членки на Платформата се Асоцијацијата за демократски иницијативи, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Истражувачкиот центар за граѓанско општество, Коалицијата „Сите за правично судење“, Конект, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Метаморфозис, МОСТ, Охрид Институт, Транспаренси Интернешнл Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Форум ЦСИД, Центарот за граѓански комуникации и Центарот за истражување и креирање политики.