„Пластика“ – изложба на Ана Јовановска

Во склоп на деветтиот Младински пролетен салон, ќе се отвори самостојната изложба на Ана Јовановска со наслов „Пластика/Plastic“, како резултат на доделената Гранд при награда од НУ „Национална галерија на Македонија“ на минатогодишниот VIII Младински пролетен салон.

Изложбата ќе се отвори на 20-ти мај 2016 год. со почеток од 13:00 часот во мултимедијалниот центар „Мала станица“.

Ана Јовановска е родена во 1991 година во Куманово, Македонија. Дипломира при Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 2014 година, како графичар во класата на проф. Вујисиќ. За тоа време, таа добива повеќе признанија, меѓу кои најзначајни се наградата за најуспешно графичкио остварување „Драгутин Аврамовски – Гуте“ (2013), признание за постигнат највисок просек и одлични резултати во текот на студиите на Факултетот за ликовни уметности (2014) и „Гран при“ на VIII младински пролетен салон (2015). Воедно, таа поминува и еден семестаr студираjќи во странство како стипендист на Еразмус програмата при École supérieure d’arts & médias de Caen/Cherbourg во Франција каде покажува одлични резултати.

По дипломирање, учествува на „XI Биенале на млади“- Мала станица, Национална галерија на Македонија (2015), на „Привремена духовна ремедијација“ во склоп на „Скопско лето“ (2015), дава дело за „Imago Mundi“ и е номинирана за наградата „Денес“ (2016) за млад визуелен уметник на годината. Пишува, илустрира, дизајнира и само-објавува ограничено издание на нејзината книга од некомерцијален карактер, наречена “Collection of False Memories”.

Покрај други проекти, моментално работи на нејзиниот магистерски труд закажан за одбрана во мај годинава.

Самостојно изложува под насловот „Од текст до апстракција“ (2015), графики, цртежи и објекти во Галерија Народног музеја Врање, Србија.

Групно учествува на повеќе од 60 изложби во Македонија, Србија, Грција, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија, Полска, Русија, Италија, Франција, Германија, Шпанија, Португалија, Мексико, Аргентина, Колумбија и САД.