Планираните буџети на општините од Вардарски плански регион тешко се реализираат

Постои се поголем расчекор помеѓу планираните и реализираните буџети на општините од Вардарски плански регион во периодот од 2013 до 2017 година, покажува осуммесечното истражување спроведено од Центарот на активни граѓани АКТИВО од Велес.

„Растечки тренд во планираните буџетски приходи на општините од Вардарски плански регион во последните пет години е присутен во сите девет локални самоуправи. Планираниот буџет на општините од Регионот во овие пет години се зголемил за цели 15 милиони евра“, нотираат истражувачите.

Реализираниот буџет на општините во 2017 се зголемил за само четири и пол милиони евра во споредба со 2013 година, а над 60 милиони евра испланирани пари од сите девет општини во последните пет години останале нереализирани.

Во последната 2017 година генерално општините од Вардарски плански регион најслабо го планирале и реализирале буџетот во споредба со претходните четири години. Eдна третина од планираните буџети на сите девет општини од Регионот во 2017 година останале нереализирани.

Во анализираниот период, највисок процент на нереализирани средства е забележан во 2017 година.

„Општините во 2013 година реализирале 84%, додека во  2017  само 67% од планираните буџети. Со тоа, просечната реализација на буџетите од 2013 до 2017 година опаднала за 17 проценти. Просечен процент на реализација на сите општини за сите години е 75%“, стои во истражувањето.

Општина Росоман најдобро го планирала и реализирала буџетот во сите пет години, а најслабо тоа го правела општина Демир Капија. Притоа, помалите општини во Вардарски плански регион издвојуваат повеќе средства по глава на жител од поголемите. Така, општините Демир Капија, Градско и Росоман реализирале најмногу пари по глава на жител, додека Општините Велес, Кавадарци и Лозово потрошиле најмалку средства за секој граѓанин кој што живее на нивната територија.

Општина Демир Капија е единствената Општина од Регионот која има просек на потрошени средства по глава на жител за сите пет години од над 300 евра и таа е единствената општина која потрошила повеќе од 400 евра за секој жител во една година;

Општина Велес како најголема општина во Регионот, пак потрошила најмалку пари по глава на жител во периодот од 2013 до 2017 година. Во 2013, Општината потрошила само 182 евра по жител, што се најмалку потрошени средства во сите пет години од сите девет општини.

Oва истражување беше направено во рамки на проектот „Едуцирани и информирани граѓани предуслов за транспарентни институции“ кој е дел од вториот повик за регрантирање на проектот „Граѓанска Алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи во јавната администрација од страна на граѓански организации“ кој го спроведуваат Фондацијата Отворено Општество – Македонија и Евротинк – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Европската Унија.