Голем број на планинари и рекреативци на 27 и 28 мај ќе имаат можност да учествуваат во планинската манифестација „Титов Врв 2017“.
Планинарски Клуб „Љуботен“ – Тетово по триесет и шести пат го организира искачувањето на Титов Врв, кое низ годините стана препознатлив планинарски бренд во Република Македонија.
„Со вакви настани, нашата земја гради традиција која трае и не претставува пред меѓународната јавност“, велат од ПК „Љуботен“.
Настанот е дел од прославата по повод „Денот на Европа“ организирана од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, а овогодинешното мото на искачувањето е „Планинскиот цвет и пластичниот смет не одат заедно. Да ја зачуваме животната средина за поздрава иднина“.
„Учеството на оваа манифестација им нуди на самите посетители да ја искусат убавината на Шара и да останат без здив од погледите кои се отвораат на самиот врв, но по должината на целата патека. Планинарењето, воопшто, ни помага да се потсетиме на нераскинливата врска која ја имаме со природата, грижата која треба да ја имаме за истата, а водено ни нуди јакнење на солидарноста, духот и достигнување на личната слобода и мир“, потенцираше претседателот на клубот, Јован Божиноски.
Манифестацијата покрај спортско-рекреативен ќе има и едукативен карактер. Имено, во сабота на свеченото отворање посетителите ќе можат преку фотографии и кратки видеа да се запознаат со историјата на клубот, а воедно и со туризмолошките вредности на Шар Планина.
Искачувањето ќе биде проследено со акција за чистење на патекатa. Учесниците ќе им бидат поделени биоразградливи кеси за отпадоци каде ќе го складираат сопствениот а воедно и затекнатиот отпад долж целата патека. Пред платото на хотел Попова Шапка ќе биде поставен обележан пункт каде ќе се фрла насобраниот смет.
„Со ова сакаме да ја подигнеме еколошката свест кај планинарите и да изградиме позитивни вредности“, велат од клубот.