Платформата на граѓански организации за борба против корупција реагира за, како што велат, нетранспарентноста на процесот на преговарање на договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетото Кралство во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, односно како што го нарекува Владата „Договор Влада со Влада“.
„Ова е веќе втор договор од ваков тип, и исто како и договорот со Република Унгарија, се потпишува без претходно и навремено јавноста да биде информирана за деталите и условите кои се прифаќаат“, реагираат од Платформата.
Платформата смета дека еднакво како што се јавува целосна транспарентност на трошењето на парите од оваа кредитна рамка, Владата требаше да обезбеди транспарентност и на процесот на преговарање и условите кои се вклучени во договорот што Владата го прифати на својата седница на 20 мај 2025 година и го потпиша на 22 мај во Лондон.
Оттука, Платформата бара од Владата да ги објавува во јавноста деталите од ваквите договори пред потпишувањето на договорите, а не откако тие ќе се потпишат и условите во нив веќе ќе бидат прифатени.
„Впрочем, во Стратегијата за управување со јавен долг 2025-2027, јасно стои дека при управувањето со долгот, еден од принципите е ‘обезбедување на транспарентност при процесот на креирање на долгот. Договори за стратешки партнерства со пријателски земји како што е Обединетото Кралство не смеат да се злоупотребуваат за тајно водење на преговори и задолжување на граѓаните под услови за кои тие претходно не биле информирани и ги немале потребните сознанија, за да веруваат дека во нивно име е направен најдобриот избор“, стои во реакцијата.

Од потпишувањето на договорот со Обединетото Кралство, фото: Влада
Инаку, од Владата пред неколку денови рекоа дека целта на Договорот е да воспостави партнерство за поддршка на реализација на инфраструктурни проекти во секторите здравство, транспорт, технологија, енергетика, дигитална трансформација и други критични сектори во Македонија.
„Првичната група на проекти се веќе споменати во јавноста во делот на здравството и во делот на транспортот. Исто така многу значајно е да се разменуваат знаења и практики користејќи експертиза од Владата на Обединетото Кралство и од британски деловни субјекти за поддршка на реализација на проекти но исто така и на трансформација на јавната администрација и приватниот сектор со експертиза од бизнис заедницата од Обединетото Кралство, но и од владините агенции“, соопштија од Владата.
Од таму нагласија дека „ќе се разменуваат знаења во здравството, транспортот, технологијата, енергетиката и клучните критични сектори, а за изградба на капацитетите на Владата на Македонија ќе се користи експертиза од Обединетото Кралство“.
„Оваа соработка ќе биде во согласност со важечкото законодавство, правилата и политиките на секоја од двете земји. Учесниците ќе работат заедно да ги истражат можностите за мобилизирање на средства за финансирање на проекти и што е многу значајно, Владата на Обединетото Кралство го потврдува интересот и капацитетот преку Инструментот за финансирање на извозот или УКЕФ, со што става на располагање 5 милијарди фунти или 6 милијарди евра за реализација на проекти во Македонија“, посочија од Владата.