„Placebo“ ќе го „запали“ фестивалот „Скопје гори“

„Ретки се бендовите кои успеале да станат големи, а истовремено да останат авангардни, бескомпромисни и суперквалитетни во тој процес. А, ‘Placebo’ се дефиниција за тоа!“.

Вака стои најавата на „Авалон“ кои на 25 јуни на стадионот АРМ во Скопје ќе го организираат возобновениот фестивал „Скопје гори“, каде ќе настапуваат рокерите „Placebo“.

Како во моментов звучи во живо еден од најмоќните светски рок бендови, публиката од Македонија и од регионот ќе може да види и да слушне на 25-ти јуни. Дека е задоволството големо што Скопје и Македонија ги имаат ‘Placebo’, не треба ни да се спомене, само треба да се види листата на големи фестивали каде ќе настапат ова лето: Rock Werchter во Белгија, BBK и Madcool во Шпанија, Park Live во Русија итн“,

Со повеќе од 12 милиони албуми продадени во светот досега, „Placebo“ е основан во 1994 година. Со нивниот специфичен звук кој претставува фузија на глам-рок и готик-поп жанровите, како и по уникатниот имиџ на пејачот Брајан Молко, велат организаторите, „Placebo“ добија статус на апсолутни миленици на алтернативната рок популација, а меѓу нивните бројни обожаватели се вбројуваше и легендарниот Дејвид Боуви.

„’Placebo’ досега имаат објавено вкупно девет албуми, од кои седум се студиски и два во живо. Не треба да се заборави дека покрај носачите на звук, Placebo имаа серија од исклучително успешни синглови и видео спотови со впечатлив стајлинг, со што дефинитивно се профилираа како современ арт-рок состав и тоа на најдобар можен начин“, стои во најавата за концертот.