„Писмото за Бог“ на Ајнштајн продадено за 2,9 милиони долари

Писмо од 1954-та година во кое Алберт Ајнштајн го отфрла зборот „Бог“ како „производ на човечката слабост“ е продадено на аукција за 2,9 милиони долари, објавија од аукциската куќа „Кристи“.

Познато како „Писмо за Бог“, напишано од еден од најголемите светски научници, е писмо на германски јазик од една и пол страница адресирано до филозофот Ерик Гуткинд. Во него Ајнштајн пишува за неговите согледувања за Бог, Библијата и јудаизмот.

„Зборот Бог за мене не е ништо повеќе од израз и производ на човечката слабост, Библијата е колекција на чесни, но сепак примитивни легенди кои во секој случај се детски“, пишува Ајнштајн во писмото.

Оваа реченица се потенцира како доказ дека физичарот бил атеист. Но, Ајнштајн во неколку наврати изјавил дека не е атеист и дека не сака да биде нарекуван така.

Ајнштајн, кој бил Евреј, во писмото пишува и размислувања за јудаизмот.

„За мене религијата на Евреите, како и сите други, е инкарнација на најголемите детски суеверија. И Евреите, на кои гордо припаѓам и за чиј менталитет имам голем афинитет, немаат поразличен квалитет за мене од сите други луѓе“, напишал физичарот.

„Од моето искуство тие не се подобри од други групи на луѓе, иако се заштитени од најголемите канцери затоа што немаат моќ. Инаку, не гледам ништо „посебно“ околу нив“, додава Ајнштајн во писмото.

Според биографијата за научникот од 1996 година, Ајнштајн бил религиозен како дете. Но, на возраст од 13 години „тој ја напуштил некритичната страст за религијата, чувство кое го прелажало да верува во лаги“.

Тој изјавил дека верува во „Богот на Спиноза“, референца на Барух Спиноза, холандскиот мислител од 17-тиот век – „Бог кој е присутен во мирната хармонија на светот, а не Бог кој се меша во судбините и однесувањата на човештвото“.

Во друга прилика, Ајнштајн ги критикувал „фанатичните атеисти чија нетолеранција е идентична со нетолеранцијата на религиозните фанатици“.