Писмо од 84 организации до меѓународната заедница, невладините бараат оставка од Иванов

Претставници на 84 граѓански организации од Македонија денеска по трет пат предадоа писмо упатено до меѓународната заедница, кое денеска го примија САД, Џес Бејли и на ЕУ во Македонија, Аиво Орав. Невладините бараат да се свика повторно Собранието, претседателот Иванов да ја повлече одлуката за аболиција и да си поднесе оставка, а меѓународната заедница да помогне во почитување на договорот од Пржино и во одржување на кредибилни избори во Македонија.

„Наша одговорност како граѓански организации е да укажеме дека не само што не е постигнат очекуваниот напредок во решавањето на проблемите посочени во писмата од 14 и 28 јануари 2016 година, туку се забележува и сериозно уназадување во владеењето на правото и поделбата на власта, изразена преку политичко самоволие и узурпација на законодавната и судската власт од страна на извршната власт“, се вели во писмото.

Организациите сметаат дека одлуката за распуштање на Собранието, со одложено дејство е неуставен чин, кој во исто време е и спротивен на принципите за консензус утврдени во договорот од Пржино. Исто така, реагираат на одлуката на Уставниот суд, кој му овозможи на Претседателот да помилува 56 лица, од кои најголем дел од нив највисоки владини службеници, меѓу кои и Никола Груевски – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, и неговите најблиски соработници сторители на кривични дела.

Контроверзните одлуки на Кривичниот суд и Апелацискиот суд, пак, во врска со отворените истраги на Специјалното јавно обвинителство укажуваат на висок степен на зависност на судството од интересите на владејачките партии, стои во писмото упатено до меѓународната заедница, во кое се забележува и на привилегиран третман на осомничените за изборен криминал.

Меѓудругото, организациите велат дека борбата против политичката корупција е назадена, без видливи резултати, иако тоа беше оценето како најголем проблем во „Извештајот на Прибе“, воедно притисоците врз лица вработени во јавните институции и лица кои допрва треба да се вработат не запираат, како и тоа дека владејачките партии продолжуваат да се мешаат во работата на медиумите.

Во пресрет на на општата аболиција од претседателот Иванов, пак, организациите сметаат дека е неопходно итно повлекување на оваа одлука и тој да си поднесе оставка и очекуваат повторно свикување на Собранието.

„Без исполнувањето на условите за слободни, фер и демократски избори, што подразбира нужно одложување на постојниот датум, ние како граѓански организации немаме друга опција освен да повикаме на бојкот на изборите доколку бидат распишани за 5 јуни и на протести против режимот кој продолжува да ги гази демократијата, човековите права и владеењето на правото во Република Македонија“, се вели во заедничкото писмо на 84 организации.