„Пишувајте ни на Твитер“ – доктори ги повикуваат Шпанците во изолација

Доктори и други здравствени работници во Шпанија се префрлија на Твитер со цел да се консултираат со пациенти преку интернет додека земјата и во следните две недели ќе биде во целосна изолација.

На социјалната мрежа ќе бидат достапни различни специјалисти – од уролози и дерматолози до офтамолози, со цел да им се помогне на граѓаните кои се наоѓаат дома за време на пандемијата со Ковид-19.

Серџо Алке, дерматолог од Хуенка, за Еуроњуз изјавил дека дури 100 дерматолози покренале заеднички профил „@dermosolidaria“ откако примиле стотина пораки на нивните лични профили.

„Идејата е да се помогне на пациентите кои имаат кожни проблеми, а не се целосно итни, но кои бараат одредено лекарско внимание и совет. Со тоа ќе се намалат непотребните физички доаѓања до здравствените центри и нивно дополнително оптеретување“, рекол Алке.

Шпанскиот здравствен систем е презафатен од почетокот на епидемијата со коронавирусот, а во средата достигна највисок број на дневни смртни случаи од вирусот. Дури 6.500 од вкупната бројка на околу 48.000 заразени луѓе во Шпанија се здравствени работници.