Пиштар Љутфиу ја презеде функцијата министер за образование и наука

Новоизбраниот министер за образование и наука Пиштар Љутфиу денеска и официјално ја презеде функцијата од досегашниот министер Абдилаќим Адеми.

„Ќе продолжиме да ја имплементираме програмата на Владата во областа на образованието и науката. Тоа што е зацртано е амбициозна програма, бара многу напори, финансиски средства и соработка. Се надевам дека како и со досегашната динамика со која работевме како Влада ќе продолжиме и понатаму”, изјави Љутфиу.

Досегашниот министер Адеми му посака успешна работа на новиот министер за образование и наука.

„Посакувам одлична работа, успешна реализација на голем број од проектите и многу успех во секојдневното функционирање на Министерството за образование и наука“, рече Адеми.

Љутфиу е предложен од ДУИ за да ја преземе оваа функција, откако минатата недела партијата без јасно образложение ги повлече сите свои министри од Владата. Роден е во 1986 година во Скопје. Бил претседател на Клуб Алпбах Македонија, работел во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор (2013). Бил генерален секретар и на Институтот за политички и меѓународни студии. Магистрирал во 2012г. на Штуловиот универзитет во областа на политичките науки.