Пиши – бриши екстерно тестирање

Матурантите годинава за првпат полагаат екстерно тестирање, овојпат по нов пристап. Тие досега беа изземени од тестирањево. Останатите ученици од трето одделение до трета година средно ќе бидат тестирани кон крајот на годината. Учениците имаа на увид 60 илјади прашањата за денешниот екстерен тест, како и за оној в петок, анализира Радио Слободна Европа.

Пиши - бриши екстерно тестирање

По објавувањето на прашањата до министерството дошле 720 коментари со забелешки, коментари, проблеми. Министерството прифатило 151 забелешка.

Има промени во тестирањето, се отстранија некои недостатоци, но клучните проблеми поврзани со екстерното оценување остануваат, вели поранешниот министер за образование Ненад Новковски.

„Екстерното оценување не би смеело да биде замена за вреднувањето на работата на наставниците, а исто така дека не може да биде контролна мерка за оценувањето на постигнувањата на учениците коешто се прави преку континуираното оценување во текот на годината. Тоа се два суштински белези на оваа постапка кои не се задоволени како што треба, а ова сето друго оди во некоја друга насока, едноставно само се покриваат клучните недостатоци, а не се решава суштински проблемот, што може да доведе до лоши последици“, вели Новковски.

Младинскиот образовен форум реагираше на начинот на кој се спроведува тестирањето. Со над 25 илјади собрани потписи на петиција бараа тоа да се прогласи за пробно, но власта не одговори позитивно на нивното барање. Од МОФ велат дека за да се воведе промена потребо е време за да се дојде до заклучок дали претходниот начин на полагање е нефункционален или проблематичен, а после толку време од претходното тестирање се уште нема анализа на тие резултати.

„За жал таков тип на анализа немаме од страна на институциите за да заклучиме дека проблемот е во начинот на полагање, па да треба да го промениме само една година откако е воведен. Дополнително кога се работи за отворениот фонд на прашања се поставуваат две дилеми, дали овој начин ќе придонесе за зголемување на знаењето на учениците и колку ќе придонесе за реална проценка на објективноста на професорот при оценување“, вели Марија Мирчевска од МОФ во изјава за РСЕ.

Од МОФ се надеваат дека овогодинешното тестирање барем во делот на техничките предизвици ќе биде подобро.

Од подмладокот на СДСМ велат дека ефектите од реформите во образованието се уплашени ученици, загрижени родители и преоптоварени професори со администрација на штета на воспитно наставната дејност. Претседателот на Социјалдемократската младина на Македонија(СДММ) Стефан Богоев вели дека власта на Груевски ги третира младите основци и средношколци како експериментални глувци, на чиј грб се наметнуваат т.н. реформски проекти

„Потегот со објавувањето на прашањата за екстерното за наводно да се намалел стресот кај учениците е признание на власта за промашеност на нивниот проект. Министерот за образование, Спиро Ристовски, самиот призна низа пропусти и нерегуларности во екстерното тестирање, но ароганцијата на власта не ѝ дозволува да го повлече проектот“, изјави претседателот на СДММ.

Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека реакциите на СДММ нема да ги поколебаат во спроведувањето на реформите.

Последното екстерно тестирање помина со повеќе технички пропусти, падна компјутерскиот систем во повеќе училишта, цели паралелки добиваа негативни оцени по одреден предмет, имаше прашања во тестови за кои учениците не учеле, лошо формулирани прашања и многу други нерегуларности.

Министерството за образование и покрај сите забелешки вели дека проектот е исклучително успешен, бидејќи се спроведува со поддршка и помош на ученици и наставници. Се очекува деновиве да се состави ранг листа на наставници со најдобри и најслаби резултати од екстерното тестирање спроведено минатата година. Согласно резултатите ќе има и соодветни казни и награди за нив.