Писателите Владимир Јанковски и Сашо Димовски се добитници на „Рациновото признание“

Владимир Јанковски за романот „Невидливи љубови“ и Сашо Димовски за книгата „Петтото годишно време“ се добитниците на „Рациновото признание“ за 2016 година. Комисијата во состав проф. д-р Јелена Лужина, проф. д-р Елизабета Шелева и Димитрие Дурацовски одлучи оваа година наградата рамноправно да ја поделат двајца автори.

„Констатиравме како жири дека најинтригантните книги пријавени на годинашниот конкурс – најиновативни ‘во форма, структура и содржина’, како што стои во конкурсните одредби, ги имаат напишано токму најмладите македонски прозаисти. Годинашното ‘Рациново признание’ ја поддржува и ја афирмира токму најмладата македонска проза, а жири-комисијата својата одлука ја заклучува со убедување дека македонските издавачи и автори ќе ја препознаваат и во иднина ќе ја поддржуваат токму ваквата профилација на оваа респективна награда“, се вели во образложението за наградата што од име на жири-комисијата го искажа проф. Јелена Лужина.

Наградата се доделува за прозна книга што е иновација во форма, структура и содржина и што ја одбележала годината помеѓу двете „Рацинови средби“.