Од филмското студио Дизни објавија дека хакери се заканиле дека ќе објават еден од најскапите нови филмови кој штотуку треба да биде издаден, доколку не платат откуп.
Извршниот директор на Дизни, Боб Ајгер изјавил за АБЦ дека им кажал на своите вработени за барањето на хакерите, на средба во понеделникот.
Иако Ајгер не кажал на вработените за кој филм се работи, медиумите јавуваат дека се работи за најновото продолжение на „Пиратите од Карибите“ (Pirates of the Caribbean: Dead Men Tell No Tales).
Ајгер вели дека Дизни одбива да плати, како и дека студиото работи со федерални истражувачи на случајот. Тој додава дека хакерите ја побарале откупнината во биткоини, како и дека ќе го објават филмот на интернет во серија од делови со должина од 20 минути, доколку не ги добијат парите.
Дизни не е првото студио на кое му се заканувале хакери со онлајн протекувања.
Минатиот месец, група хакери ја објавија на интернет петтата сезона од „Портокаловото е новото црно“ (Orange is the New Black), откако Нефликс одби да плати откуп.
„Dead Men Tell No Tales“ е петтиот дел од франшизата „Пиратите од Карибите“. Во него, како и во претходните делови, глумат Џони Деп, Орландо Блум и Џефри Раш, како и Хавиер Бардем. Американската премиера е закажана за 26 мај.