„Пипи долгиот чорап“ за Светскиот ден на театарот за деца

Театарот за деца и младинци од Скопје, под мотото „Однеси дете в театар денеска“ ќе го одбележи Светскиот ден на театарот за деца, 20 март.

Пред почетокот на вечерашната претстава „Пипи Долгиот Чорап“ ќе биде прочитана светската порака, а приходот од влезниците ќе биде дониран на Државното училиште за деца со оштетен вид „Димитар Влахов“.

„Инспирирани од мотото, ние би сакале приходот од влезниците да го донираме на оние деца кои објективно не можеме да ги донесеме в театар“, се вели во соопштението на Театарот за деца и младинци.

За оваа цел ќе биде наменет и приходот од претставата „Убавицата и ѕверот“ која е на репертоарот на 27 март, кога се одбележува Светскиот ден на театарот.

Светскиот ден на театарот за деца 20 Март се одбележува под покровителство на Меѓунардоната театарска асоцијација – АSSITEJ.