Пиперки растат на дрвја, а чајот е од продавница?! – Потребни се градини во училиштата за децата да поврзат теорија со пракса

Чај е нешто што го има во супермаркет на полиците до кафето, додека пиперките растат на дрвја. Овие изјави можеби делуваат смешни, но според земјоделскиот инженер Филип Димкоски, тие покажуваат колку малку децата знаат како се произведува храната и како таа доаѓа до нивната трпеза. Проблемот го гледа во немањето градинарство како предмет во училиштата, но и простори каде учениците со наставниците ќе може да ја спојат теоријата со праксата.

Од почетокот на образованието, учениците се среќаваат со предмети како Природа и општество, Биологија, Хемија и Физика. Но, градинарството е спојка од нив, додека Математика, Ликовно и Музичко може да се искористат како инспирација за креативни задачи.

„Градината може толку многу да ни овозможи, затоа што не само што ќе научиме како се произведува храна, туку сите предмети што ги изучуваме може да ги поврземе со градината и од неа да извлечеме сознанија“, рече Димкоски на денешното онлајн предавање на кое специјални гости беа второодделенците од „Браќа Миладиновски“ во Аеродром, а организатор беше Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Скопје.

Тие изработија различни оброци користејќи само овошје и зеленчук, а ја искористија приликата и да изрецитираат стихотворби инспирирани од природата. Па така, заедно со своите родители, меѓудругото, имаа изработено був од јаболка, човек од моркови, марула и маслинки, природни сокови, мече од излупен портокал…

Според Димкоски, кога би имало градини во сите училишта, децата ќе знаат кое растение кога треба да се сее, да се набере, да порасне и јаде.

„Токму градината не’ научува дека јагодите се најслатки кога им е време, во мај и јуни, кога тие природно зреат. А сега, овие јагоди што ги купуваме во февруари или март, немаат вкус и мирис затоа што тие растеле на неприроден начин“, посочи тој.

Досега 10 училишта во Скопје имаат своја градина како дел од проектот „Училишни градини – зелени полигони на знаење“ во организација на Слоу фуд Македонија. Во нив секое дете има пристап, а заедно со наставници работат и учат. Во наредниот период се очекува вакви градини да добија уште 10 училишта во Прилеп, Битола и Крушево.

„Додека работиме во градините, ние успеваме да се социјализираме, да се дружиме и да дознаеме некои работи што во конвенционалната настава тоа не може да се случи“, рече Димковски.

Со ова се согласи и наставничката Анета Велкоска која ги учи своите ученици од најмала возраст да ја развиваат нивната еколошка свест и да ја негуваат понатаму во животот.

„Пред една недела учевме за кокичето. Денеска на Математика имавме задача колку цветови имало во цветната градина, па колку од нив биле со црвена боја. По Природни науки ја изучувавме почвата, како се добива плодна почва…“, раскажа таа.

Градина со овошје и зеленчук немаат, но го користат дворниот простор за активности во природа. Најави дека размислуваат да направат мали садници со семиња, а дотогаш ја користат креативноста за време на часовите.

Димковски, пак, истакна дека градинарството помага во развојот на децата од многу аспекти како на пример: развој на моторика, психо-емотивен развој, стекнување работни навики, одговорност, практично знаење, учење за природните науки и за временски услови, а откриваат и растителен свет и инсекти,.

„Неопходно е да се има барем по една мала градина во училиштата која навистина има многу благодети и за наставата и за развојот на децата“, нагласи тој, повикувајќи ги училиштата да покажат и самоиницијатива за ова, не само преку проекти.

„Богат во идннина ќе биде само оној што ќе може да произведе сопствена храна“, заклучи тој.

Емилија Петреска