Пионерите на македонската рап култура, Чиста околина ќе настапат на Д фестивал

Еден од најистакнатите македонски хип-хоп состави, Чиста околина го потврди својот настап на главната бина на овогодишниот Д фестивал, одбележувајќи ја 20-годишнината од објавувањето на својот прв студиски албум „Новиот аспект на старата школа“. Со настапот на Чиста Околина, на Д Фестивал ќе одекне урбаниот звук на Скопје, граден врз основите на рап музиката, и химните како „Јас сум шеф“, „Пуздер“, „Одамна на векот“, но и новиот материјал на бендот како што е синглот „Изморена авангарда“ објавен во 2014 година, велат организаторите.

Оформена во 1989 година со здружувањето на неколку млади рап бендови, Чиста Околина започна да функционира официјално како бенд во 1991. Основањето на групата се смета за првата позначајна хип-хоп појава во Македонија воопшто. Групата е на некој начин унија од два бенда: Serious Bass (Рифат Емин и Ристо Солунчев) и Кељав Дабар (Веле Солучев, Аце Змејковски – Денвер, Александар Таковски и Александар Стаматов). Подоцна во 1991 година кон оваа унија се приклучуваат уште две групи Лош Вкус (Владо Трајчевски, Миро Попов, Самоил Петревски, Брцко) и (Б)Анален Отпор (Виктор Георгиев, Љубиша Петровски, Христијан Санев).  Всушност, токму во 1991 година се структуира бендот, како формално така и на идеолошки план (стил, имиџ, насока на дејствување и т.н.) Првите три години групата настапува само на свои приватни рап забави низ градот, а во 1992 година се случуваат првите позначајни настапи: “Rap’n’Roll фестивалот” во МКЦ и неколку клупски свирки.

По овие настапи кон Чиста Околина се придружуваат: Џоге, Митко Гаштаровски и Ванчо Дамјански. До 1994 и соработката со истакнатиот алтернативен рок бенд Last Expedition на песната „Кељав Дабар“, групата беше позната само во подземните кругови. Но активното работење, а посебно соработката со Last Expedition, го отвори слухот на пошироката музичка јавност за квалитетот и капацитетот на Чиста Околина. Песната „Кељав Дабар“ според музичката емисија „Досие“ беше прогласена за Песна на ’94 година. Во 1995 година следуваат учества и настапи на неколку фестивали: Strip & Sound фестивалот, Трот Фест, Годеа Лаут фестивалот, Учество во компилацијата „Македонски Документ – чекор втор“.

Во мај 1996, Чиста Околина го издава својот албум „Новиот Аспект на Старата Школа“ снимен во 1995 година во сопственото студио П.Н.Г.Т. (Палавштините на Гроздан Темелковски). До тогаш групата веќе имаше снимено преку 70 демо-снимки. Од создавањето до издавањето на албумот, многу луѓе беа членови на Чиста Околина, а на деби албумот се потпишани: Улав, Ицко, Скелеку Скас, V.G., Стамче Фолк, Деликвент, Самоил Царот, Миро, Скарфејс, Митко Пикисипи, Кики, Спикер Тако, Ване најдолгиот, Јане баш буц и Џоге. Албумот е прво вакво издание во Македонија, во „олд скул“ стил и тенденциозно снимен без семплер, произведен само на ритам машина и грамофон. Својата концертна промоција албумот ја имаше во 1997 година, на самостоен концерт на Чиста Околина во магацинот на Нова железничка станица. Популарноста на бендот продолжи да расте во наредните години, а албумот доживеа и свое реиздание за етикетата „Литиум Рекордс“ (2000 год.). Две децении по неговото објавување, Чиста околина ќе ја претстават нивната уникатна музичка концепција на Д ФЕСТИВАЛ во Дојран.

Покрај Чиста околина, својот настап на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ го потврдија и британските легенди на даб музиката „Даб Пистолс“ (DUB PISTOLS), а во наредните денови ќе бидат објавени и нови изведувачи кои ќе го одбележат шестото издание на единствениот тридневен open-air фестивал.

Д фестивал годинава ќе се одржува од 15 до 17 јули во Дојран и тоа со богата музичка програма на повеќе фестивалски бини. Посебна музичка, арт и забавна програма годинава ќе биде подготвена во кампот на Д ФЕСТИВАЛ, која ќе биде наменета исклучиво за посетителите кои ќе се одлучат за фестивалските пакет-влезници, кои вклучуваат фестивалска и камп влезница.