„ПИН“ – Втор европски саем за музички креативни работници во МКЦ

Второто издание на музичката конференција „ПИН“ ќе се одржи во „МКЦ“, на 27 и 28 ноември. Со својата интензивна панел-програма, повеќе од 200 гости и над 20 концерти, „ПИН“ се приклучува кон веќе најавеното одржување на „Лузер Фест“, со што и официјално ќе биде отворена програмата од седумнаесеттото издание на „ТАКСИРАТ“.

„ПИН“ конференција во 2012 година стартуваше како прва меѓународна музичка конференција во Македонија. Целиот концепт на конференцијата е осмислен како посебен предизвик и придобивка пред сѐ за музичарите, кои ќе имаат прилика да поминат два дена заедно со дел од најголемите имиња од европската музичка индустрија и директно да бидат вклучени во дискусиите и актуелните теми за музичката уметност и индустрија.

Овој собир на музичките работници од земјава, регионот и Европа е посветен на светските актуелни теми, локалните случувања и потреби во областа на музиката и културата, а ќе понуди различни дискусии кои ќе продрат длабоко во суштината на овие прашања.

Публиката ќе има можност да чуе повеќе од 20 теми на панел дискусии, презентации, предавања, работилници, на кои ќе учествуваат голем број музички промотери, продуценти, менаџери, новинари, граѓански здруженија, јавни институции, културни активисти, претставници на најголемите музички фестивали во Европа. Сето тоа ќе биде надополнето со интензивна музичка програма која ќе се одвива во вечерните часови со настапи на повеќе од 20 артисти кои ќе имаат своевиден „showcase“ за времетраење на конференцијата.

„ПИН“ конференцијата годинава се одржува како дел од меѓународниот проект кој го предводи ЗКУ „Таксират“, насловен „West is the best”. Проектот е финансиран од страна на „Вишеград Фонд“ (the International Visegrad Fund), а се реализира под водство на ЗКУ „Таксират“ од Македонија и во партнерство со AAA Production (EXIT; Србија), Dokufest (Косово), Pohoda festival (Словачка), Sziget Festival (Унгарија), Colour meeting (Чешка) и Ethno Port Poznan (Полска).

Активностите на овој проект се насочени кон мобилизирање на музичките уметници, професионалци и културни оператори, за промоција на културата и уметноста во мултиетничките општества од земјите на Западен Балкан и Вишеград Група (Словачка, Полска, Чешка и Унгарија), со цел да се создадат нови партнерства меѓу културните организации од овие региони.