ПИН музичка конференција денес и утре во МКЦ

Вечерва се одржува музичката ПИН конференција, по одложувањето поради состојбата на жалост што ја прогласи Владата поради несреќата во Бугарија со автобусот.

Настаните ќе се случуваат во Младинскиот културен центар во Скопје.

Концертите на Драган и Ратко Дутовски и на Antonie & OFF-GROUND Ensemble кои беа најавени за првиот ден и отворањето на музичкиот фестивал ќе бидат преместени во следните денови.

„Како и секогаш, ќе бидеме домаќини на повеќе од 200 делегати кои ќе учествуваат и на едукативни и забавни панели, работилници и повеќе од 30 уметници од цела Европа кои ќе настапуваат на 10 сцени. Изданието ПИН 2021 нуди незаборавно искуство и позитивна енергија“, се вели во најавата за настанот.

Музичките концерти се бесплатни. Целата музичка програма е достапна на следниот ЛИНК.

Пропратните панел-дискусии на ПИН конференцијата можат да се следат и на официјалната ФБ страна. За присуство на ваквите настани е потребна регистрација на следниот ЛИНК.

Манифестацијата се одржува во рамки на ТАКСИРАТ фестивал и претставува единствената меѓународна музичка конференција и „шоукејс“ фестивал во државата, кој годинава го одбележува своето осмо издание.