ПИН конференција: Како е да се „продава“ бенд некогаш и сега

Визиите на старите и новите артисти и бендови, како се промовираат и менаџираат, дали ги мотивира уметничкиот пристап, парите или желбата за настапи, беше темата на панел дискусијата во МКЦ „Dinosaur & Junior“, како дел од ПИН музичката конференција.

За рефлекцијата на агентите, односно за разликите како беше да се „продава“ бенд во 90-ите и сега, зборуваше британецот Ник Хобс од „Charm music“. Тој прави две работи – „купува“ таленти од Источна Европа, но, исто така е промотор во Источна Европа.

Хобс не може да каже дали сега е подобро или полошо, но, вели тој, исклучиво е повеќе кооперативно и професионално.

„Чувствувам дека работата што најмногу ми недостасува кај помладите агенти е тоа кога агентот има блиска врска со уменикот. Пример, кога агентот го пронаоѓа артистот во некој мал клуб, тогаш станува популарен, тогаш се развива лојалноста што не може да се замени. Мислам дека сите луѓе што се во овој бизнис ја сакаат музиката, без разлика на возраста, но има типови на луѓе што се покооперативни и гледаат на тоа како стриктна форма на кариера и не мислам дека има многу од таквите“, вели Хобс кој живее и работи во Истанбул.

Џеф Мил е од „Paradigm Agency“, букинг агент веќе 29 години. Тој вели дека почнал со работа на почетокот на 90-ти, кога социјалните медиуми беа незамисливи.

„Не можам да направам масивна разлика како артистите се промовираат ширум светот, едноставно бизнисот е толку зголемен за разлика од 1991 година, се’ она што е вложено во музичкиот бизнис, освојување на нови територии, се случи многу во последниве 20 години што го немало во музичката индустрија, а сега го има“, рече Мил.

За Хрватот Жељко Пендриќ, основачот на „Distune Promotion“, моментално е тренд што бендовите од регинот на екс Југославија настапуваат во Германија, Велика Британија и сл.

„Имаме ситуација каде агент од Хрватска работи во некоја од тие земји. Имам можност да кажам ‘не’ доколку не ми допаѓа бендот и ‘да’ доколку ми се допаѓа, сепак, тука има финансиски околности и димензија на публика кои се на високо ниво. Но, ние нема да букираме бенд кој е моментално популарен, имаме поставено стриктни ултиматуми во музиката“, рече Пендриќ.

За тоа дека агентот треба да биде лојален кон артистот, не се согласува Стефан Казаријан, човек што ја прави „Moscow Music Week“.

Според него, некои агенти се грижат за ситуацијата, бендот е задоволен, шоуто е супер, па е тоа причина повеќе да го направат и следен пат.

„Некои агенти, особено британските агенти, и тиe ќе го направат истото ако имате долгорочна соработка. Ако работите првпат, тие не знаат дали ќе биде само ‘за една вечер’. Пред да ги осудите агентите, мора да ги разбереме нивните продукти, мора да разбереме дека живееме во многу циничен свет, во свет во кој идеалистите и идиотите станаа синоними. Артистите не се како од 70-те или 80-ти, тие сакаат да направат пари и тоа сакаат да го направат брзо, бидејќи тие знаат дека кариерата веројатно ќе им биде кратка“, потенцираше Казаријан, координатор на разни мултижанровски фестивaли и моментално менаџер на два бенда.

Инаку, музичките содржини и панел-дискусиите во интернационалната ПИН музичка конференција се дел од овогодинешниот фестивал „Таксират 21“.

Ангела Илиевска