„Пијано 4 раце“ – концерт на пијанистките Гацева и Џорлева вечерва на Охридско лето

Седмиот ден на програмата на годинашното „Охридско лето” е резервиран за целовечерниот концерт на македонското пијанистичко дуо Ана Гацева и Татјана Џорлева.

Пијанистките Гацева и Џорлева настапуваат во камерен состав од 2005 година, кога го одржуваат својот прв целовечерен рецитал на фестивалот „Скопско лето“. Оттогаш, тие во континуитет реализирале многубројни успешни концерти низ земјата.

Континуираното заедничко музицирање на овие две пијанистки, професорки на Музичките aкадемии во Скопје и Штип, е секогаш високо оценувано од музичката критика. Репертоарот на дуетот опфаќа композиции од сите музички стилови и епохи, вклучувајќи и дела од македонски и светски современи композитори.

Како солист Ана Гацева се издвојува како една од најактивните и најуспешните во земјава, а критиката ја оценува како уметник кој плени со својот зрел артизам и потцртана индивидуалност, техничка виртуозност и изразена експресивност. Таа е добитник на повеќе високи државни и меѓународни награди.

Татјана Џорлева е исто така солист кој реализира бројни концертни настапи, како во земјава така и на европската сцена. Значајни се нејзините соработки со македонски композитори: Димитрије Бужаровски, Гоце Коларовски, Томислав Зографски, Стефан Гајдов, Дамјан Темков кои резултираат со постојана промоција на македонската музика во земјава и надвор од неа. Добитник е на бројни награди и признанија.

На програма на концертот што ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот се избрани дела за четири раце на пијано на Дворжак, Равел, Сати.