Пијанистот Максим Мрвица вечерва на „Охридско лето“

Со концертот на маестро Максим Мрвица, еден од најпродаваните кросовер пијанисти во светот, вечерва во Античкиот театар продолжува програмата на 54. издание на „Охридско лето“.

Пијанистот Максим Мрвица вечерва на „Охридско лето“

Мрвица изрази огромно задоволство што е во Охрид и што ќе има можност да настапува во прекрасниот амбиент на Античкиот театар.

– Мило ми е што успеавме да го реализираме моето прво гостување во Македонија, на овој познат фестивал на кој настапувале големи имиња од светската музичка сцена, особено квалитени пијанисти кои мошне добро ги познавам и го претставуваат самиот врв на светската елита, рече Мрвица, пренесе МИА.

За програмата на вечерашниот концерт тој рече дека е одбран пресек на неговите кросовер изведби, компилација на атрактивни дела од сите негови десет објавени албуми.

Хрватскиот маестрален пијанист Максим Мрвица, „пијанистичкото чудо од Шибеник“, со своите исклучителни изведби молскавично ја освои меѓународната сцена. На 11-годишна возраст го одржал својот прв концерт како солист со оркестар, не престанал редовно да вежба и за време на војната во Хрватска успева дури и да ја освои првата награда на државното натпреварување во Загреб, а потоа стекнал одлична пијанистичка школа на Музичката академија во Загреб, на конзерваториумот „Франц Лист“ во Будимпешта, Националната школа за музика (“Ецоле Натионал дес Мусиљуе“) и конзерваториумот „Александер Скриабин“ во Париз.

Денес Мрвица е еден од најпознатите светски пијанисти и најпродаваниот кросовер-пијанист во светот кој зад себе има 10 студиски изданија, милионски тиражи во повеќе од 57 држави и бројни меѓународни награди и признанија. Својот прв албум „Гесте“ го објави во 1999 година, а неговото следно издание, албумот „Д пијано плејер“ („The Piano Player“), во 2003 година беше објавено за славната издавачка куќа „ЕМИ Класикс“.

Во 2010 година, Максим беше поканет од Шопеновото друштво од Варшава да настапи на концертот во чест на 200-годишнината од раѓањето на композиторот. Сингловите и спотовите на Максим Мрвица звучеа на Олимписките игри во Грција и во Кина, пишува МИА.