Пијанистот Филип Димишковски е најдобар млад џез музичар за 2018

Наградата „Златен Орикс“ за најдобар млад џез музичар, што втора година по ред ја доделува Скопски џез фестивал, ја доби 27-годишниот пијанист Филип Димишковски.

Доделувањето на наградата ќе се одржи утре, 16 октомври, во кафе-барот „Винил“, проследено со музички настап.

Димишковски започнал да учи пијано на возраст од 12 години, кај Игор Димовски. Подоцна посетува часови кај Дамир Имери, каде што се запознава со основите на џезот.

На 18 години веќе свири по локални клубови во Скопје во различни џез формации, со Тони Китановски, Александар Икономов и други. Гоце Стевковски Септет, Некст Ту Сајленс, Сара Мејс, Конкеринг Лајон и Љубојна се само дел од најзначајните бендови/музичари со кои има соработувано.

Има настапувано низ Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и други земји на Балканот, на фестивали како Сараево џез фестивал, Скопски џез фестивал, Банско џез фестивал и Д Фестивал.

Неговото име како изведувач се појавува на неколку албуми меѓу кои „Радио Љубојна“ на Љубојна, „Reflections” на Џоле Грујовски Квартет, потоа „Floating Through Space With Sarah Mace” и „Re:vision” на Fin Project.

Тоа што Димишковски нема формално музичко образование, не го спречиле во реализирањето на својот сон.