Пијанистот Дино Имери со концерт го прославува 10-годишниот јубилеј

Со концерт на 11 декември, во големата сала на Македонската филхармонија, пијанистот Дино Имери ќе одбележи значаен јубилеј за 10 години уметничка кариера.

Специјални гости на концертот ќе бидат Влатко Стефановски, Благој Нацоски, Камерниот оркестар на МММ и Дијана Имери Илкоска како диригент, Бојан Илкоски, Марија Јакимовска, Богдана Бушевска, Биљана Јосифов, Инес Неделковска, Ади Имери и Ивана Коцевска а водител ќе биде Јана Серафимовска. На концертот ќе бидат изведени дела од класичниот репертоар како Равел, Пјацола, Дворжак, Доплер, но и авторската композиција на Имери „Сон“ напишана за Благој Нацоски, дело од Дамир Имери, како и многу други специјални изненадувања.

„Програмата е конципирана така да ја прикаже разноликоста на мојата дејност низ овие десетина години, а со тоа да биде и допадлива на присутната публика. Секој гостин си носи свој различен печат, како и
своја историја во взаемната соработка со мене. Чест ми е што ќе ја делам сцената со овие врвни уметници и што сите без исклучок со задоволство ја прифатија мојата покана“, вели Дино Имери.

Инаку, Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова и проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје со Cum Laude), како и со проф. Симон Трпчески, во чија класа магистрира на само 22-годишна возраст со просек 10 и со почести Cum Laude. Во својата досегашна дејност, Имери имал многубројни настапи во Македонија и во странство. Дино Имери се вбројува во десетте најдобри европски пијанисти според ранг-листата на Третиот европски пијано-натпревар одржан во Нормандија, Франција, а еднакво успешен во својата родна земја, во 2013 година се здобива со највисокото домашно признание за класична музика – наградата „Виртуози“ во категоријата „Млад музички уметник“.

Во 2015 година го добива признанието Лауреат на Фондацијата „Томислав Зографски“, доделена од истоимената фондација за промоција на македонските композитори во земјата и во странство. Во 2013 година го издава своето прво ДВД-издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, во соработка со оркестарот „Фејмс“ за снимање филмска музика. Во 2015 година бележи големи меѓународни успеси, меѓу кои и неговото деби со Софискиот филхармониски оркестар. Во 2015 година, Имери првпат настапува со Македонската опера и балет во балетската претстава „Огнени градини“ под диригентство на Јозеп Вицент и Бисера Чадловска, а во кореографија на Xејмс Амар. Редовно одржува рецитали, а е активен и во камерната музика настапувајќи со разновидни камерни ансамбли.

Дино Имери остварува бројни соработки и со Македонската филхармонија, меѓу кои и настапот на свечениот концерт за отворање на сезоната годинава, на кој младиот пијанист пред илјадната публика го изведе Концертот бр.1 за пијано и оркестар од П. И. Чајковски, изведба за која домашната критика се
изрази во суперлативи.