„Пиј кафе и плати со поема!“ по вторпат во Скопје на Светскиот ден на поезијата

Скопјани по вторпат ќе можат да испијат кафе или чај и наместо со пари, да ги платат со пишување поезија. Кампањата „Плати со поезија“, традиционално се спроведува секоја година низ многу држави во светот на 21 март, Светскиот ден на поезијата.

„Напишете поема и добијте шанса да го платите своето кафе или чај со неколку стиха. Загарантирана дружба со реномирани поети. Нурнете длабоко во себеси и споделете ги вашите чувства“, велат организаторите.

Локациите за оваа година се „Венето“ во Скопје Сити Мол, „Паладиум“ во Капиштец, „Наргиле“ во Чаршија, „Дион“ на Кеј и „Баду“ во Порта Влае.

Во глобалната кампања годинава ќе учествуваат над 30 земји и повеќе од 1000 кафетерии. Идејата потекнува уште од 1862 година и ја почнал наследникот на австриската династија на произведувачи на кафе и сопственик на „Мајнл банки“ Јулиус Мајнл.