Петто издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“, од 3 до 5 септември во МКЦ

Петтото издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“ кој е во организација на издавачката куќа „Темплум“, годинава ќе се одржи од 3 до 5 септември во Младинскиот културен центар во Скопје.

Темата на овогодишното издание на фестивалот кој е посветен на книжевноста за деца е насловена „Грозовилата во Страшната чума“, според истоимената книга за деца на словенечката писателка Јана Бауер, која е и добитничка на главната награда на фестивалот.

Главниот уредник на фестивалот Никола Гелевски вели дека „Друга приказна“ е фестивал кој ја третира книжевноста намлку поинаку, додавајќи дека детската книжевност е многу важна гранка на книжевноста, која за жал е запоставена и потценета.

„Книжевноста за деца знае да биде екстатично добра. Некои од највеличествените книги во 20 век всушност се ‘книги за деца’. Како што умните и љубопитните деца се обидуваат да читаат книги надвор од досадните лектири, така и умните и љубопитни возрасни читатели треба да читаат ‘книги за деца’. Отвораат хоризонти“, вели Гелевски.

Како што најавуваат организаторите, во програмата е се вклучени театарски претстави, работилници за деца, изложби, разговори, книги, музички настап, како и поетски натпревар.

„‘Друга приказна’ е ретка прилика да се видат голем број наши писатели и музичари на едно место, во динамична и возбудлива атмосфера“, се вели во најавата за настанот.

Организаторите порачуваат дека иако влезот на сите делови од програмата е бесплатен и не е потребно претходно резервирање на влезници, бројот на публиката на секој дел од програмата ќе биде строго регулиран во согласност со мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.

„Сите настани ќе бидат на отворено, просторот ќе биде строго контролиран со придржување до меѓусебната дистанца од 2 метра, задолжително носење маски, достапни средства за честа дезинфекција на рацете. На платото пред МКЦ ќе бидат поставени 100 столчиња на соодветно растојание – доколку сите столчиња се зафатат, ќе биде дозволено стоење на платото зад нив, со задолжителната меѓусебна дистанца. За работилниците бројот на учесници е ограничен и за нив ќе важат дополнителни превентивни мерки за кои сите учесници ќе бидат прецизно известени“, објаснуваат организаторите.

Фестивалската програма ви ја пренесуваме во целост:

03.09.20 (четврток)
19.00 – ГРОЗОВИЛАТА ПРИСТИГНУВА ВО СТРАШНАТА ШУМА, Промоција на списанието МАРГИНА 92 (комплетно детски број); промотор: Никола Гелевски

19.30 – Отворање на изложбата ПЕТ ГОДИНИ ДРУГА ПРИКАЗНА;
промотор: Владимир Јанчевски; фотографии изложуваат: Ванчо Џамбаски, Јелена Белиќ, Драги Неделчевски Небојша Гелевски, Жарко Трајаноски и Наташа Гелева

20.00 – ОВДЕ ПАЃААТ КРУПНИ ЗБОРОВИ; книжевен натпревар со творби за деца, со
детско гласачко жири. учествуваат: Румена Бужаровска, Николина Андова Шопова, Калина Малеска, Владимир Лукаш, Владимир Мартиновски, Петар Андоновски, Билјана Црвенковска, Снежана
Стојчевска, Д. А. Лори, Ана Аврамовска, Николинка Ќорвезироска, Катерина Трајановска,
Ана Голејшка Џикова…; водител: Ѓоко Здравески

 

04.09.20. (петок)

17.00 – КАКО ИЗГЛЕДА ГРОЗОВИЛАТА?; деца ја цртаат Грозовилата; аниматор: Доротеј Нешовски (задолжително пријавување: nesovskidoro@gmail.com)

18.30 – ГРОЗОВИЛАТА ГО СКРОТУВА ДИВИЛОТО; разговор за книжевноста за деца во
С. Македонија; учествуваат: Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска, Ване Костуранов, Билјана
Црвенковска и Марија Тодорова

20.00 – ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА ЈАНА БАУЕР, добитничка на главната награда на
фестивалот – Сценско-театарски ПРИКАЗ НА ГРОЗОВИЛАТА; режија: Нела Витошевиќ

21.00 – ТEATAР НА СЕНКИ – Наш мал театар „Заробената љубов“ (16 мин; за сите возрасти)
„Девојчето со дрвото во портокаловото кралство“ (20 мин; за публика над 6 години)

 

05.09.20 (сабота)

18.00 – ГРОЗОВИЛАТА ПРИРЕДУВА КНИЖЕВНА ЧАЈАНКА; разговори за книги со деца;
аниматори: Билјана Црвенковска, Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска, Искра
Димковска, Симона Спировска… (задолжително пријавување: nesovskidoro@gmail.com)

20.00 – Концерт: МОЈАТА ОМИЛЕНА ПЕСНА ЗА ДЕЦА;
изведувачи: Ана Христова, Ива Дамјановски, Долорес Поповиќ, Хана Корнети, Јоана
Ристеска, Џијан Емин, Оливер Јосифовски, Лепи Џони, Ненад Тонкин, Лукаш & Јовановиќ,
Харикли & Лукаш, Сашко & Олег Костов, Сецко & Исак Хаџиќ, Јоана Ристеска…