Петто издание на фестивалот на краток филм „Drim Short“ од 29 јули до 1 август

Петтото издание на фестивалот на краток филм Drim Short ќе се одржува од 29-ти јули до 1-ви август на летната сцена во Домот на поезија во Струга, под мотото „Сонувајте кратко“.

Официјалното отворање ќе се одржи во 18:30 часот со промоција на книгата „Филмски великани“ од Сунчица Уневска и изложба на Милко Нестороски и Лида Шерафатман – „The dreams of nature, souvenirs of reality’.

Педесетина кратки филмски остварувања од филмски автори ширум светот, поделени во четири категории (интернационална, регионална, студентска и „Dealing with the past”) ќе бидат прикажани пред струшката публика.

Селекцијата е направена од Иван Бакрач, а категоријата „Dealing with the past” е во соработка со ZFD Форум Македонија. Филмската програма вклучува две гостински програми од два реномирани фестивали на кратки филмови Dokufest од Косово и Go Short од Холандија.

Едукативната програма вклучува два онлајн мастер класови на реномирани имиња од европската филмска индустрија: (1) ‘Short docs: Why so popular and how to see them!’ со Ветон Нуроколари  и (2) ‘How to structure your festival” со Матју Јансен. Ќе има и музичка ОФФ програма со настап на БРАН – Herzel & Flute Power, која ќе се одржи во Камп Треска – Радожда.

„Дојдовме до мал, но значаен јубилеј, остварен пред се‘ со љубов и посветеност, Струга да има филмски фестивал, кој ќе стане уште еден убав и препознатлив белег на градот. Филмот никогаш не бил близок до Струга како денес и наша намера е тоа да стане традиција долга како поетската. И ниедна традиција денес не би била важна, ако некој, некогаш, не го направел првиот чекор. А ние стасавме до јубилејниот, петти чекор, важен, голем и обоен во живоста на брановата должина од спектарот помеѓу сината и зелената боја. Цијанот, кој резонира со струшкиот пејзаж, езеро, река, дрвја, небо и немир“, велат од фестивалот.

Фестивалот ќе биде реализиран во соработка со ZFD Форум Македонија, Министерство за култура, Н.У. Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, ЈП Комунално Струга, Филм Плус, Хотел Боград, Радио Плеј ФМ, Red Bull Македонија, а генерален покровител е Kennedy Tecnology.