Петтиот ден протести во Србија почна мирно, а заврши со пендреци и апсење

Петтиот по ред антивладин протест во Србија, кој повторно се одржа пред зградата на Парламентот во Белград, помина мирно и без инциденти.

На улиците излегоа повеќе илјади граѓани кои се незадоволни од тоа како власта се справува со епидемијата на коронавирусот.

Единствен инцидент се случи откако нешто пред полноќ, кога најголемиот дел од граѓаните се разотидоа од мирниот протест. Н1 и Крик известија дека полицијата уапсила неколку граѓани кои по завршување на протестот седеле на скалите пред зградата на Парламентот. Видеата покажуваат дека при меѓусебното кошкање, врз претежно младите демонстранти била употребена и сила од страна на полицијата.

Во Ниш, граѓаните се обиделе да го блокираат автопатот, но биле спречени од полициски кордон.

На вчерашните протести дел од политичките опозициски лидери повикаа опозицијата да се обедини околу едно барање – да се поништат последните парламентарни избори кои се одржаа пред дваесеттина дена.

Српската премиерка, Ана Брнабиќ, синоќа апелираше граѓаните да не се собираат поради ситуацијата со коронавирусот и да се солидаризираат во зачувување на јавното здравје.

Полицијата вчера, во текот на денот, соопшти дека биле уапсени 42 лица поради вандализам и нереди на протестите, меѓу кои и напаѓачот на новинарската екипа на Н1.