Петтата студентска средба, воедно и прва после протестниот марш против екстерното тестирање од 17-ти ноември, ќе се одржи во понеделник, во 18 часот пред платото на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, објави студентската иницијатива Студентски пленум на својата Фејсбук страница.
Поради тоа што Пленумот се уште не доби дозвола за да ги одржува собирите внатре во кампусот, средбата ќе биде на отворено. Тие на Фејсбук објавата советуваат „присутните да си понесат топла зимска облека“.
На петтата средба по ред, студентите ќе дискутираат за идеите за идните активности на Пленумот.
На 17 ноември, на Меѓународниот ден на студентите, се одржа Студентски марш против екстерното тестирање на кој учествуваа повеќе од 2 000 студенти.
Иако, неодамна министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и премиерот Никола Груевски изјавија дека не станува збор за екстерно тестирање, туку за државен испит којшто ќе може да се полага неограничен број пати и ќе служи за да им олесни на студентите, од Студентски пленум велат дка не се откажуваат. Тие се против идејата да се воведе нова форма за проверка на квалитетот на образование наспроти веќе постоечките.