Петти настан „Активни студенти“ на Архитектонскиот факултет

Културно ехо ќе бидат говорници на петтиот настан од серијата „Активни студенти“ кој ќе се одржи на 8 мај, од 19 часот на Архитектонскиот факултет во Скопје.

„Со осврт кон архитектурата и други уметности, па се до компјутерските и правните науки, нивната мисија е да промовираат корпоративната урбана и еколошка одговорност; повторно откривање, редефинирање и решавање на заедничките прашања преку конвенционални стратегии и нови перспективи за создавање на одржлив урбан, социјален, општествен и културолошки развој. Активно работи од март 2018 г. развивајќи го својот главен проект наречен „Напуштени можности“, кој се базира на лоцирање и детална евиденција на состојбата на сите напуштени објекти во државна сопственост, кои претставуваат сериозна закана за животната средина, како и за здравјето и безбедноста на локалното население, со крајна цел – нивна ревитализација, пренамена и реупотреба за општо добро“, велат организаторите за говорниците на настанот.

„Активни студенти“ се низа настани организирани од ЕАСА Македонија со цел да се поттикне активност и слободен говор на студентите низ предавања и дискусии кои ќе се случуваат на Архитектонски Факултет во Скопје. Преку овие настани тие велат дека сакаат да направат една мини мрежа на студенти и заедно преку размена на информации и интереси да оформат култура на алтернативно учење.