Петти ден протест против полициска бруталност

Со минута молк за загинатите во денешната полициската акција во Куманово, започна петтиот по ред протест против полициската бруталност во Скопје. Десетина од демонстрантите сакаа да положат цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје во близина на Владата, по повод Денот на победата над фашизмот, но полицијата не им дозволи, па го оставија пред нозете на полицајците.

Стотината демонстранти се упатија кон зградата на Европската Унија, каде по половина час извикувајќи „Каде си Европо“, „Зошто молчиш Европо“, „И ние сме Европа“, мирно го завршија протестот.

Преку денешниот петти протест, граѓаните уште еднаш побараа одговорност за прикривањето на убиството на младиот Мартин Нешкоски во 2011 од властите.