Петстотини пицерии на Доминос во Индија ќе служат само веге храна во октомври

Околу 500 пицерии на франшизата Доминос нема да служат пици кои содржат месни производи во текот на цел нареден месец. Причината е празникот Навратри, кога милиони Хиндуси се молат и постат.

Во текот на празникот, тие строго одбегнуваат невегетаријански оброци, особено во северните и западните региони на државата. Навратри започнува на 1 октомври оваа година. Деветдневниот строг пост традиционално доведува до огромен пад на продажбата на невегетаријанската храна во Индија.

Индија е значаен пазар за Доминос, кој во државата има отворено повеќе од 1000 пицерии во речиси 250 градови. Со тоа, тоа е најголем пазар на Доминос надвор од САД. Тоа е и најпознатиот бренд на пица во Индија, со речиси 70 посто од пазарот.

„Консумацијата на невегетаријанската храна значајно се намалува во овој период. Овој потег е признавање дека иако сме глобален бренд, свесни сме за потрошувачките потреби. Станува збор за докажување на став на муштериите“, изјавил претседателот на Доминос Пица Индија, Дев Амритеш.