Петмина починати, 75 новозаразени и 136 оздравени од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека од Ковид-19 во изминатото деноноќие починале пет лица, односно, пациент од Скопје на 52-годишна возраст, двајца пациенти од Куманово на 55 и 82 години, пациент од Гостивар на 62 години и пациент од Охрид на 64-годишна возраст. Четворица пациенти се починати во болнички услови, а еден вонболнички.

Во последните 24 часа се потврдени 75 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 32 случаи во Скопје, по осум во Кавадарци и Гостивар, седум во Тетово, пет во Штип, четири во Куманово, по два во Пробиштип, Македонски Брод и Кичево и по еден случај во Струмица, Кочани, Виница, Свети Николе и Неготино.

Институтот за јавно здравје регистрирал 136 оздравени пациенти, односно, 50 од Скопје, 28 од Струга, 18 од Охрид, 16 од Куманово, десет од Свети Николе, пет од Тетово, по два од Прилеп и Гостивар и по еден од Крушево, Кочани, Македонски Брод, Кратово и Кичево.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 11202, бројката на оздравени пациенти е 7108, на починати е 505, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3589. Денес се евидентира еден контролен тест“, информираат од МЗ.

На Инфективната клиника во Скопје во изминатите 24 часа се примени осум пациенти, а вкупно се хоспитализирани 92 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 45 пациенти, а еден е на механичка вентилација.

Во болницата во Козле се хоспитализирани десет возрасни пациенти позитивни на Ковид-19 и три деца позитивни, како и шест пациенти суспектни на вирусот.

„Во ГОБ „8 Септември“ примени се 5 нови, вкупно хоспитализирани се 89 пациенти. На респираторна машина се 3 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 27, а во болницата во Штип се хоспитализирани 45 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 113 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, информираат од МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 106.877 тестирања на Ковид-19, а во изминатите 24 часа се направени 830 теста.