Петмина обвинети за „Крвавиот четврток“ вратени во притвор

Петмина обвинети за насилниот упад во Собранието кое се случи на 27 април минатата година, од синоќа се вратени во Истражниот затвор Скопје.

„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против М.Ч., М.П., Д.Л. О.П. и Г.Ѓ, донесе решенија со кои делумно го уважи предлого на обвинителството и им определи мерка притвор во траење од 30 дена поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од КЗ, а поради постоење на причините предвидени во член 165 ст.1 т. 1 од ЗКП“, информираат од Судот.

Против овие решенија, како што посочуваат од Судот, странките имаат право на жалба во рок од 24 часа по приемот на решенијата до Апелационот суд – Скопје.

Нивното приведување следува откако вчера државниот јавен обвинител Љубомир Јовески соопшти дека до Кривичниот суд е поднесен обвинителен акт против 30 лица насилствата во Собранието на Македонија на 27 април минатата година. Дваесет и осум лица се обвинети за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две за помагање при вршење на истото кривично дело.

Обвинетите, според Јовески, го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на РМ со акт на насилство со што создале чувство на несигурност и страв кај граѓаните.