Петковска: Сите бирократи на светот го видоа законот за медиуми, само новинарите – не!

Фото: Глобус

Фото: Глобус

Новиот предлог- Закон за медиуми очигледно го имаат видено сите бирократи на светот, освен оние на кој што се однесува – медиумите и медиумските претставници, рече Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми, на дебата за медиумската слобода во земјава.

Владата уште пред повеќе од една година најави дека се подготвува носење на нов закон за медиуми, а министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески изјави дека најдоцна до април 2012 година, ќе го достави нацрт-текстот на увид на јавноста.

„Се разбира помина повеќе од една година и од тогаш немаме никакво помрднување во позитивна насока во тој дел. Министерот за транспорт и врски ни претстави дека Владата решила да донесе закон за медиуми, без никаква можност за било каква дискусија. Што ќе се решава, врз основа на кои стандарди ќе се повикаме во формулирањето на овој закон, ако знаеме дека Европската унија нема унифициран стандард за тоа како да биде уреден еден медиумски систем и пазар и дека такво нешто воопшто не постои“, додава Петковска.

Govor na Biljana Petkovska, direktor na Makedonskiot institut za mediumi by Radio Mof on Mixcloud

Од Здружението на новинари на Македонија, исто така велат дека веќе една и пол година се игра криенка со нацрт-текстот на законот за медиуми.

„Дали навистина има спремност од страна на институциите да го објават тој текст и јавноста да има увид во истиот? Од нашите сознанија, станува збор за комплексен закон за кој е потребно време да се разговара и потребна е широка дебата, бидејќи тој ги засега сите граѓани. ЗНМ во врска со овој закон, во зависност од тоа што се е опфатено со предлог концептот, ќе остане отворено да понуди инклузивност и транспарентност при неговото донесување“, истакна директорот на ЗНМ, Драган Секуловски на дебатата во организација на Центарот за институционален развој – ЦИРа.

Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), остануваат на ставот дека новиот закон за медиуми нема легитимитет, бидејќи тој се држи во целосна тајност од медиумската заедница.

Здружението на новинарите, пак, ги напушти преговорите кои ги водеше со Владата за домашната легислатива, откако новинарите, меѓу кои и беше претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, беа исфрлени од галеријата на Собранието во инцидентите кои се случија на 24 декември.

Најавите за нов закон за медиуми предизвикаа огромен број на шпекулации во јавноста дека Владата сака да постави контрола во интернет просторот и ќе воведе лиценци за сите веб портали, кои би чинеле најмалку десет илјади евра.

Кристина Озимец