Петка за хуманост – средношколци се откажаа од ужината за да купат обувки на соученик

Ученици од прва година во Техничкото училиште во Нови Варош, Србија, се откажаа од ужината за да купат патики и чевли за свој соученик чие семејство е во тешка материјална состојба, објави Блиц.

Сиромаштијата во која живеело семејството на Боривоје Димитријевиќ, неговите школски другари ги довела до солзи. Брзо се организирале и собрале пари, а освен двата нови пара обувки, другарите од одделението му подариле и од сопствената, добро сочувана облека.

Боривоје е деветто од десетте деца во неговото семејство. Иако живее тежок живот, никогаш не се пожалил за тоа, појаснуваат неговите соученици. Тие додаваат дека ова го забележале по искинатите патики со кои доаѓал на училиште и на часовите по физичко.

„Бевме запрепастени од условите во кои живее. Кај нас во одделение има 28 ученици и лесно се договоривме секој да даде по 200 динари ( околу 100 денари) , па покрај патики да му купиме и удобни обувки за зимава. Нашите пари за ужина се мала жртва во однос на тешкотиите до кои секојдневно се сретнува Боривоје. Ќе ни се оддолжи со повеќе знаење на часовите и ако ја сочува својата весела природа и скромност, поради кои е и омилен во одделението“, вели средношколецот Милан Рајиќ, иницијатор на акцијата.

Боривоје живее далеку од училиштето и секојдневно минува околу 40 километри, од кои 15 километри мора да пешачи бидејќи нема автобус до неговиот дом.

„ Благодарен сум им до небото. Од дома до најблиската автобуска станица пешачам повеќе од еден саат, во еден правец. Најтешко е кога се дождови и длабок снег, но сега барем нема да треба со мокри чорапи да седам на часовите. Семејните примања се симболични и тешко се трга некој динар“, вели Боривоје.

Хуманитарната акција која ја спроведоа идните машински техничари пријатно го изненади и нивниот класен раководител. Учениците се надеваат дека нивниот пример ќе го следат и другите одделенија бидејќи во училиштето има многу сиромашни ученици.