„Петка за Битола“ – итни мерки за намалување на загадувањето

Ние, граѓаните на Битола, согласно демократските процеси во Република Македонија и правото за учество на граѓанинот во креирањето на општествените политики, а заради алармантната состојба со загадениот воздух во нашиот град и неговата околина и потребата за преземање на најитни мерки во насока на подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, ја претставувамe платформата „Петка за Битола“, велат иницијаторите од граѓанското здружение „За нас се работи“.

Оваа платформа содржи пет итни мерки, за кои е докажано дека доколку се реализираат, состојбата со загадениот воздух во Битола, во голема мера ќе се подобри и стави во нормала, со што ќе се намали бројот на енормните заболувања кои се последица на загадениот воздух. Овие мерки не се ништо ново кога е во прашање справувањето со загадениот воздух. Напротив, тие се предлагани и поединечно и како дел од некоја целина, во повеќе наврати при донесување на планови и програми во општина Битола, но до нивна имплементација до сега не дошло поради многу причини, од кои една и најважна е немање доволно пари.

„Мерките кои ги предлагаме се:

  1. Режим на сообраќајот во централното подрачје на градот во одреден период.
  2. Прскање на улиците со соодветна хемиска смеса.
  3. Јавен еколошки  градски превоз.
  4. Субвенционирање на трошоците за електрична енергија на домакинствата.
  5. Адаптација на постојната топлификација во институциите, како што се болница, училишта, суд, полиција и приванти субјекти кои загревањето на своите простории го вршат преку согорување на тврди горива во користење на природен еколошки гас“, велат иницијаторите.