Петиција за помилување на Edward Snowden, човекот кој ги откри американските тајни

Edward Snowden, кој му откри на светот дека американската Национална агенција за безбедност (NSA) преку најголемите светски компании ги шпиунира граѓаните ширум светот, се наоѓа на тајна локација во Хонг Конг, каде ги очекува првите чекори на американските власти. Според најавите, Вашингтон ќе реагира со налог за апсење до управата на Хонг Конг, по што би следела долга правна битка за екстрадиција. Според изјава на неименуван претставник на американското министерство за правда, се разговарало за обвиненија за велепредавство и „помагање на непријател“ против Snowden. Тој влегол во Хонг Конг со стандардна туристичка виза со траење од 90 дена, а доколку биде издаден налог за негово апсење, ќе може да побара азил во кинескиот регион.

Иако Хонг Конг е дел од Кина, островот има одделни судови и одржува високо ниво на правна автономија. Специјалниот административен регион на Кина има потпишано и договор за екстрадиција со САД. . Со оглед на тоа што екстрадиција може да се изведе само меѓу две суверени држави, доколку тоа го бараат САД, во случајот неминовно ќе мора да се вмеша и официјален Пекинг. Сепак, природата на правниот систем во Хонг Конг е таква што одлуката за судбината на Snowden останува во рацете на управата на регионот, каде Пекинг има ограничено влијание.

Во меѓувреме, за само три дена, десетици илјади луѓе веќе ја потпишале петицијата за помилување на Snowden до Белата куќа, која според американските закони ќе ја разгледуваат надлежните органи доколку ја потпишат 100.000 луѓе.

Edward Snowden e досегашен вработен во NSA, каде дошол во контакт со информации кои докажуваат дека американската влада, преку своите тајни служби  надгледува и прислушува телефони и интернет-комуникација низ целиот свет, користејќи ги најфрекфентните комуникациски канали на Google, Facebook, Skype, Twitter и Yahoo, меѓу другите. Snowden ова го откри во интервју за Washington Post и Guardian.