Петиција за обезбедување навремена Итна медицинска помош за Ромите

„Невзат, е еден од 25000 Роми кои страдаат од повеќе хронични заболувања (туберкулоза, бронхитис и астма). Тој често има потреба од услугите на службата за Итна медицинска помош кои за него значат заштита на неговото здравје и живот. Но, службата за Итна медицинска помош не одговара на секој негов повик“.

Подготвеното видео ги илустрира бариерите со кои се соочуваат Ромите во пристапот до здравствена заштита, конкретно одбивањето на обезбедување на услугите од страна на службата за Итна медицинска помош.

 

Со цел да се отвори прашањето за потребата од обезбедување навремена и квалитетна услуга од страна на Службите за Итна медицинска помош, како за Ромите, така и за сите граѓани на РМ, отворена е петиција на која можат да се потпишат сите граѓани. Петицијата можете да ја најдете на овој ЛИНК.

Со петицијата, од страна на Министерството за здравство се бара:

– Подготовка и усвојување на унифициран тријажен протокол преку кој службите за Итна медицинска помош ќе утврдат дали треба да одговорат на барањата од граѓаните. Следењето на овој протокол ќе ја исклучи слободната процена на здравствените работници дали треба да одговорат на повиците.

– Аудио снимање на сите повици до службите за Итна медицинска помош и нивно долготрајно чување, на целата територија на РМ. Граѓаните на кои им било оневозможено правото на итна медицинска помош, оваа мерка ќе можат да ја искористат во понатамошните постапки за остварувањето на своите права.

– Да се предвидат демографски стандарди за службите на Итна медицинска помош во мрежата на здравствени установи и да се изврши соодветно опремување на службите за Брза помош со кадар и опрема. Со ова ќе се овозможи навремена и квалитетна услуга на оваа службана целата територија на РМ.

Организации иницијатори на петицијата: КХАМ, Делчево и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Р.М-ЕСЕ, Скопје.

Организации поддржувачи на петицијата: Центар за демократски развој и иницијативи –ЦДРИМ, Скопје; Ромски Ресурсен Центар -РРЦ, Скопје; Здружение на просветни работници и заштита на правата на жените -ЛИЛ, Скопје; Ромска асоцијација за мултикултурна афирмација-РОМА СОС, Прилеп; Национален Ромски Центар -НРЦ, Куманово; Опции за здрав живот- ХОПС, Скопје, Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, Скопје; Коалиција: Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници, Скопје и Фондација Отворено Општество Македонија- ФООМ, Скопје.