Петицијата за поништување на „Брегзит“ собра над 5 милиони потписи

Онлајн петицијата со која се повикува Велика Британија да го активира членот 50 и да остане дел од Европската Унија собра повеќе од пет милиони потписи за помалку од четири дена, со што стана најпопуларната петиција во историјата на интернет-страницата на британскиот парламент.

Според прописите на страницата за петиции, владата одговара на секоја петиција која ќе добие преку 10 илјади потписи, додека за петициите кои собираат над 100 илјади потписи задолжително се води дискусија во парламентот. Петицијата против „Брегзит“ досега има собрано 5,4 милиони потписи.

„Владата постојано тврди дека излезот од ЕУ е „волјата на народот“. Мораме да ставиме крај на ова тврдење преку доказ за јавната поддршка за останување во ЕУ. Нов референдум може да нема, па гласајте сега“, стои во описот на петицијата.

Петицијата се совпадна и со големиот протест вчера, кога преку милион луѓе маршираа на улиците низ Лондон со барање за втор референдум за „Брегзит“.

Еуроњуз во меѓувреме пренесе дека Маргарет од Јоркшир, пензионерка во 70-тите години од животот, која ја покрена оваа петиција, во петокот околу полноќ добила три телефонски повици со смртни закани.

„Како и многу други кои сакаат Велика Британија да остане дел од ЕУ се почувствувавме беспомошни, многумина мислејќи – што можам да направам како поединец? Тоа ми сметаше, па решив да го искажам тоа што мислам дека е потребно во оваа ситуација со „Брегзит“, наместо само да седам, да се жалам и тоа ништо да не промени“, рекла Маргарет.

„Имам внуци кои доаѓаат на возраст кога е потребно да знаат дека можат да направат промени. Не сакам внуци кои ќе се чувствуваат беспомошно. Делумно ова го покренав и за да им ги покажам ним овие можности“, додава таа.

Претходнава недела беше прилично напната за британската влада, во која премиерката Тереза Меј побара од Брисел да го продолжат рокот за излезот на Велика Британија од ЕУ. Лидерите на Унијата се согласија на пролонгирање на рокот до 22 мај, но само доколку британските парламентарци го поддржат постигнатиот договор меѓу владата и Брисел за „Брегзит“.

Доколку парламентот оваа недела го одбие договорот на Меј по трет пат, Велика Британија ќе треба до 12 април да одлучи како да се справи со ситуацијата.