Петиција за повлекување на кандидатурата на Давор Поповски за претседател на СПУКМ

Студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство покренаа онлајн петиција за повлекување на кандидатурата на Давор Поповски за претседател на СПУКМ.

Тие сметаат дека тој е нелигитимен претседател на Студентскиот парламент на ФИНКИ, односно со истечен мандат.

„Нема објавено јавен повик за кандидатури за претседател на СП ФИНКИ. Уште помалку е јасно како е регуларно спроведена кандидатурата за претседател на СПУКМ. Потребно е да се објави јавно правилникот, кој наводно е доставен до Централен Регистар, со детален извештај за тоа коj и со каков кредибилитет ги направил сите потенцијални измени во него. Од тие причини, целта на петицијата е Давор да си ја повлече кандидатурата, бидејќи сакаме легитимен и достоен претставник, онака како што му доликува на факултетот“, се вели во описот на петицијата.

Претходно, во интервју за Радио МОФ, Поповски изјави дека е спремен да оди на избори на било кој датум, без одложувања.

ДАВОР ПОПОВСКИ,КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СПУКМ: МОЈАТА ПРОГРАМА НУДИ РЕАЛНИ РЕШЕНИЈА ЗА ПРОБЛЕМИТЕ

Младински образовен форум, пак, објави анализа со имињата на студентските претставници, чиј мандат е изминат. Според документите од Централен регистар, од вкупно 23 студентски парламенти на УКИМ, само три се со легитимно избрани претставници.

Студентските избори се закажани на 30 јуни, додека Пленумците бараат тие да се одложат во септември, а по нив да се одржи и изборот за нов ректор.

*За петицијата да биде валидна, потребно е студентите да внесат име, презиме, број на индекс и нивна студентска адреса. Таа е достапна на овој ЛИНК.