По социјалните мрежи се шири петиција на која веќе се потпишани над 3.000 граѓани, а се бара одговорност и санкции за професорката Тања Ангова од скопското средно училиште „Раде Јовчевски Корчагин“ поради ширење говор на омраза.
Имено, по непречениот упад на демонстранти и луѓе со качулки во Собранието на Република Македонија, Ангова на социјалните мрежи напиша „дедичко, да ти се позлати раката“, поздравувајќи го човекот кој насилно ја повлече за коса пратеничката Радмила Шеќеринска.
„Исклучителнo важна улога во формирањето на здрава свест не само кај средношколците, туку и кај сите млади луѓе, имаат токму професорите. Тие се духовни водачи кои треба да им помогнат на учениците да изградат етички вредносен систем, и да ги научат дека слободата пред сè подразбира почитување на разноликоста. При вонредна состојба, од професорите се очекува апел за трезвеност и решавање на проблемите по цивилизиран пат преку дијалог, со толеранција и разбирање. Како и сите граѓани, така и тие имаат право на свое лично мислење и слобода на говор, но тоа не подразбира говор на омраза во кој експлицитно охрабруваат насилство и агресија“,
Професорите треба да ги поттикнуваат своите ученици да ги развиваат вистинските хумани вредности, во кои насилството и омразата никако не спаѓаат.
Во Кривичниот законик на Република Македонија има посебно кривично дело за „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем (чл. 394 г)“. Ова дело не опфаќа само забрана на јавно ширење преку компјутерски систем на расистички и ксенофобичен материјал туку и на содржини што помагаат, промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство против кое било лице или група, врз која и да е дискриминаторска основа.
Токму поради тоа, бараме одговорност и санкции за оваа професорка која со нејзината објава го одобрува и поздравува насилството кое се случуваше во Собранието на 27.04.2017“, стои во петицијата.
Петицијата ќе биде испратена до „Корчагин“ и Министерството за образование и наука.