Peter Sunde создаде машина за музичка пиратерија

И покрај тоа што Peter Sunde, еден од основачите на The Pirate Bay, минатата година ја помина во затвор, тој сега создаде нова машина која изработува 100 примероци од песна во секунда.

Тој се уште им должи милиони долари на голем број филмски и музички компании, меѓутоа, тоа не го спречи да продолжи со ширењето на пиратеријата. Всушност, тој создаде машина која совршено може да го прави тоа, користејќи Raspberry Pi, LCD екран и Python code.

Со помош на овие делови, машината што ја именувал „Kopimashin“ може да направи сто примероци од песната „Crazy“ на  Gnarls Barkely во секунда. Тоа значи дека дневно, машината може да произведе осум милиони копии и околу 10 милиони долари загуба за музичката индустрија.

Неговата машина е дел од уметнички проект за вредноста на дигиталните копии, за кој се подготвува.

„Сакам да ја покажам апсурдноста на процесот да и се дава вредност на копија. Машината е направена да биде едноставна и да го нагласи фактот дека не е опасност за ниту една индустрија“, изјави Сунде.

Меѓутоа „Kopimashin“ не ги зачувува копираните примероци. Пораката што треба да ја испрати е дека милионите долари во загуба за кои се жали музичката индустрија и останатите членови на The Pirate Bay се само фиктивни, како бројот на примероци што ги создава машината.

Тој најави дека планира да направи 13 вакви машини со кои ќе учествува на неколку изложби, а дел од нив да се продадат.

Со цел да му се признае трудот за машината, тој ги контактирал надлежните од Гинисовата книга на рекорди неделава, каде се уште ја разгледуваат неговата апликација.